Уапсени две лица во случајот „Јавна соба“, се трага по други

Илустрација

Две лица, едно во Битола и едно во Велес, се приведени во врска со случајот „Јавна соба“, а се преземаат мерки и активности и кон други лица, објави денеска на својот профил на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Работиме во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, напиша министерот.

Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.

Претседателот Стево Пендаровски денеска побара итно расчистување и одговорност во овој случај.