Судот ќе ја сослуша жалбата на Навални против притворот

Алексеј Навални

Судот во Русија денеска ќе ја сослуша жалбата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални против неговиот притвор, еден ден откако руските власти го зголемија притисокот врз опозицијата, претресувајќи станови и канцеларии поврзани со Навални. Соработникот на Навални Леонид Волков рече дека адвокатите биле известени на 26 јануари оти жалбата за апсењето е закажана за 28 јануари. Тој повика на нови протести низ Русија на 31 јануари. Во претресите што се случија вчера беа вклучени групи маскирани безбедносни сили. Бил претресен и станот на Навални, каде што полицијата го приведе неговиот брат Олег.

Гневот поради корупцијата и Навални можат да ја редефинираат руската политика

Руските медиуми, повикувајќи се на извор во безбедносните агенции, објавија дека причината за рациите е кршење на ограничувањата за хигиена на коронавирусот. 44-годишниот Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше од речиси фаталното труење од нервен отров во август, за кое рече дека било наредено од претседателот Владимир Путин. На масовните митинзи низ Русија одржани на 23 јануари беше побарано итно ослободување на Навални. За време на митинзите беа уапсени близу 4.000 лица, за кои полицијата рече дека се нелегални.