Владата го усвои планот за вакцинација против Ковид 19, информираше на денешната прес конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Вакцинирањето ќе се одвива во три фази, а целата операција, како што рече денеска Хоџа, ќе се конкретизира со пристигнувањето на вакцините.
„Фазите ќе бидат во согласност и во зависност од пристигнувањето на вакцините и различните приоритетни групи за вакцинација. Три групи се приоритетни со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување и компликации и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, рече Хоџа.
- Кога нема западна вакцина, добра е и кинеската
- МЕЃУ РЕДОВИ - Проф. Пановски: За набавка на вакцина треба да си трговец
Во меѓувреме, Владата ги чека вакцините од Фајзер и преку ковакс механизмот, но и ја разгледува можноста за набавка и на кинески вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не би требало да претставува проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), затоа што документите се сосема соодветни. Четири дена претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Македонија е членка на НАТО и затоа бара западни вакцини, а проф. д-р Никола пановски, во изјава за Радио Слободна Европа, за процесот на набавка на вакцини, искоментира дека „за да набавиш вакцини треба да си трговец“.