Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција изјави дека д-р Мухамед Асани, директорот на болницата во Струга, е повикан во Владата да реферира откако беше откриено дека дома има гинеколошка ординација која работи на диво.
Вицепремиерот рече дека во меѓувреме е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Инаку, случајот со д-р Асани излезе во јавност откако жена од Дебар обвини за несовесно породување при што и се отстранети неколку органи.
„Поднесена е иницијатива до ОЈО од страна на инспекторатот. Тимовите ги разгледаа сите прозивки и информации кои беа доставени до мене. Направен е надзорот и констатирана е дивата ординација. Веќе ги имаме нотарските изјави дека се вршени прегледи после 15 часот“, рече Николовски.
Според вицепремиерот, се очекува стручниот надзор од Министерството за здравство за да се расчисти целиот случај.