Опремата за прислушување од системот „Најс“ на УБК која беше уништена во 2015 имала употребна вредност од 1.418.897 евра.
Ова на денешното сведочење пред судот, за случајот „Таргет-Тврдина“,го соопшти вештакот за материјално, сметководствено и финансиско работење Ѕвонко Кочовски кој ја наведе оваа сума како проценетата вредност на опремата. Тој објасни дека станува збор за вредност на системот за прислушкување „Најс“ во моментот на нејзино уништување по избивањето на аферата за прислушување во јавноста.
Мијалков - Јас не сум наредил ниедно прислушување
Одбраната на обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска го праша вештакот Кочовски зошто не е направена анализа на вредноста на хардверот, софтверот и лиценците на системот за прислушување.
„Немаше потреба бидејќи тоа беше направено од колегата за технички науки. Јас сум вештак од финансиско работење, немаше потреба да се дели системот на делови. Станува збор за неделив систем, споен“, изјави денеска вештакот Ѕвонко Кочовски.
Инаку, одбраната на обвинетите реагираше дека директното испрашување на вештакот било преседан во правото, со образожение дека својот исказ вештакот го дал по предлог на судот. Обвинителството на рочиштето пак излезе со став дека во однос на ова прашање е воспоставена судска пракса во предметот „Тенк“, и дека не станува за преседан во правото.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и Сашо Мијалков и уште 10 вработени во УБК. Јанкуловска во изминатиот период при своето сведочењето рече дека не знаела оти потпишува документ за уништување на опремата за прислушување.
Станува збор за обвиненија за незаконско прислушкување и за уништување на опремата за прислушкување во времето на владеење на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес почна на почетокот од 2018 година.