Пратениците попладнето во рамки на продолжението на 32 та седница дебатираа за дополнетиот предлог Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во второ читање.
За време на расправата, пратеникот од редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски од собраниската говорница изјави дека дава целосна поддршка за Законот за спречување и заштита од насилство врз жените. Тој изнесе податок дека во актуелниот собраниски состав има пратеник кој во минатото бил казнет за силување на жена. Милошоски не го откри идентитетот на пратеникот, ниту од која партија е тој.
„Одлежал казна ама сепак сега врши висока функција. Барам предлогот да не може да извршува висока функција како градоначалник, пратеник, министер да се вметне во законите за избор на градоначалници, пратеници и за избор на влада, човек кој извршил родово базирано насилство врз жена“, рече Милошоски.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека немаат информација дека пратеник имал извршено такво кривично дело.
Гласањето за законот ќе биде дополнително закажано.