Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека ЕУ инвестирала милијарди евра во развој и производство на вакцини против ковид-19 и дека сега со право очекува фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските кон Европа.
„Сега компаниите треба да го испорачаат својот дел од работата и да ги исполнат своите обврски. Затоа воспоставуваме механизам за транспарентност при извозот на вакцини. Европа е решена да придонесе за глобалното добро, но ние, исто така, бараме да се почитуваат договорите“, рече Фон дер Лајен во видео порака објавена на наејзиниот профил на Твитер.
Европската комисија објаснува дека целта на механизмот се јасни информации за тоа каде одат вакцините против ковид-19 произведени во Европа.
„Не станува збор за тоа дека ние не сакаме некој друг да добие вакцини, туку за компаниите со кои имаме потпишано договори да ги исполнат своите обврски кон нас. Јасно е дека на сите им се потребни вакцини, но исто така е јасно дека ЕУ вложи многу пари за да обезбеди дека ќе ги добие потребните дози, и тоа не во кое било време, туку што е можно побрзо“,изјави портпаролот на Еврокомисијата Ерик Мамер.