Кремљ денеска соопшти дека не може да има дијалог со луѓето кои „насилно и нелегално протестираат“, откако десетици илјади лица за време на викендот излегоа на улиците на голем број руски градови и побараа ослободување на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите изјави дека нивото на насилство кај некои демонстранти било невидено досега и дека тие се однесувале „многу агресивно“. Песков истакна дека случаите на полициско насилство врз демонстрантите, од кои некои беа снимени на видео, се далеку помали и дека истрагата и за нив е во тек.
Критичарот на Кремљ, Навални, беше затворен поради, како што објавија руските власти, прекршување на условната казна за наводна измама. Тој беше приведен во Москва веднаш по враќањето од Германија каде беше на лекување по труењето со нервниот агенс „новичок“, за што Навални го обвини лично рускиот претседател Владимир Путин. Официјална Москва негира каква било вмешаност.
Европската унија и САД се спротивставија на заторањето на Навални, а блискиот соработник на Путин, Николај Патрушев, го обвини Западот дека „го користи Навални за дестабилизација на Русија“.