Опозицијата се спротивстави на изборот на Зибери за омбудсман

Насер Зибери, нов омбудсман и поранешен кандидат за прв Албанец-премиер

Владејачкото пратеничко мнозинство со 61 глас „за“ денеска за нов народен правобранител во Собранието го избра Насер Зибери. Зибери како предлог на ДУИ ја наследува функцијата омбудсман од Иџет Мемети. Пратениците од опозицијата се спротивставија на изборот на Зибери затоа што според нив се работи за пазарење со фунцијата. Тој на функцијата доаѓа од нотарска канцеларија и од позиција на кандидат за премиер на ДУИ на минатогодишните избори.

Опозицијата се спротивстави на изборот и по паузата од расправата, не присуствуваше на гласањето во собраниската сала.
Повлекување на предлогот побараа Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците и неговиот сопартиец Халил Снопче, кои посочија дека во Законот за Народен правобранител е наведено оти кандидатот треба да е независен, а тоа што само пред половина година бил партиски кандидат за премиер е уште еден парадокс во нелогичните феномени во државава.
Гордана Силјанова-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го нарече „многу чуден предлог“.


„Неприродно е довчерашниот политички статус да се трансформира во граѓански, неутрален и професонален и статус кој треба да им служи на граѓаните да ги штити од лошата администрација. Нема да ги штити некој кој преку партискиот мост постојано ќе биде блиску до администрацијата, а извештаите за нашата администрација велат дека е партизирана, политизирана и поданичка. Ако сте партиски човек, ќе одите по таа траекторија“, рече Силјановска-Давкова.


Од ДУИ го бранеа предлогот со укажување дека Насер Зибери ги исполнил условите и дека за кандидат за народен правобранител никаде не е наведено дека не може да се кандидира за премиер.

Функцијата народен правобранител е испразнета подолго од еден месец. Иџет Мемети, кој 16 години ја извршуваше оваа функција, неколку дена пред истекот на неговиот втор мандат стана член на Советот на јавни обвинители.