Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека дипломатијата околу вакцините против Ковид-19 се претвора во нивно киднапирање. Тој на прес конференција во Загреб предупреди дека некои земји уплаќаат повеќе пари за да ги преземат резервираните дози вакцини за кои уплатиле земјите членки на Европската Унија.
Тој истакна дека „се случуваат одредени активности кои се надвор од договореното“ и посочи дека ќе инсистира на почитување на тие договори. Во врска со проблемите околу испорака на вакцините против коронавирус, Пленковиќ потсети дека сите лидери на ЕУ изразија многу силен став дека треба да се почитува планираната динамика на испорака на вакцини и потсети дека ЕУ вложила огромни средства во фармацевтски компании во процесот на истражување на вакцините.
На прашањето за евентуални тужби против производителите на вакцини, доколку тие не ги исполнат своите обврски, Пленковиќ одговори дека тоа ќе биде заедничка активност на ниво на ЕУ, бидејќи ЕК е страна во договорот, додавајќи дека „е опција да се искористат сите средства за исполнување на договорните обврски “.
Хрватска порача речиси шест милиони дози вакцини од различни производители преку ЕУ.