Од ланскиот септември на приватниот универзитет ФОН е осонована студентска организација „Магнум Опус“ за заштита на студентските права, како и за изедначување на статусот во општеството на студентите од приватните и државните универзитети.
„Магнум Опус е резултат на потребата од основање на организација којашто ќе ги заштитува, промовира и унапредува правата на студентите од АУЕ ФОН Универзитет. Се појави како резултат на тоа дека беше забележан еден процес на континуирана дискриминација врз нас – студентите од приватните универзитети“, открива првата претседателка и ко-основачка на студентската организација „Магнум Опус“, 22 годишната Катерина Селамовска.
Таа е четврта година на Факултетот за правно политички науки при АУЕ ФОН Универзитет. Открива дека на 10-ти септември 2020 година го одржале првиот состанок на кој се конституирал Управниот одбор. Од тогашни пет студенти, денеска организацијата брои над 100 студенти.
РСЕ: Која е идејата?
Селамовска: Идејата зад „Магнум Опус“ како форма на студентско самоорганизирање започна во септември кога група на студенти од различни факултети при АУЕ ФОН Универзитет се соединивме со идеалите и желбата да направиме некаква промена и да го промовираме нашиот Универзитет во најдобро светло.
Покрај тоа што „Магнум Опус“ ќе ги заштитува, промовира и унапредува правата на студентите од АУЕ ФОН Универзитет, сакаме и бараме активно да учествуваме во креирањето на политики за подобрување на студентскиот статус и образовен процес.
РСЕ: Што ве мотивираше?
Селамовска: Тоа што не мотивираше беше проблемот со кој се соочувавме секојдневно: предрасудите и дискриминација, како од општеството така и од државните институции. Решивме да не останеме неми и да бараме да не третираат со должната почит и одговорност; не само за нас туку и за идните генерации кои ќе се запишат на приватните, а ќе го добиваат истиот третман.
РСЕ: Какви активности имавте до сега и што планирате во иднина?
Селамовска: Од основањето до денес, „Магнум Опус“ има склучено два Меморандуми за соработка, организиран е дебатен турнир и месечни разговори со истакнати личности од академската фела. Организирана беше хуманитарна изложба од која со собраните средства ги израдувавме дечињата од центарот за деца со аутизам “Во мојот свет” и купивме таблети за близнаци од социјален случај. Учествуваме на состаноци и презентации од општина Гази Баба.
За наредниот период имаме предвидено многу активности коишто ќе го покријат и академскиот и општествениот дел. Но, пред се општествена победа за нас ќе биде доколку конечно МОН и Владата одговорат на нашите барања за изедначување на статусот на студент помеѓу приватни и државни универзитети.
РСЕ: Како би го оцениле студентскиот статус во општеството? Дали постојат пречки и какви?
Селамовска: Јасно ни е дека постојат предрасуди во врска со студентите коишто доаѓаат од приватен. Има драстична разлика од статус на студент на државен до статус на студент на приватен. На пример, при самиот упис на приватен студентот е лишен од бесплатен слободен билет кој го имаат колегите од УКИМ. Не бевме вклучени ниту во пакет мерките со платежни картички. Исклучени сме и од попусти во културните институции.
Сметаме дека сите овие пречки можат да се надминат со дијалог помеѓу претставниците на студентските собранија и МОН. Но, за жал по неколку месеци обиди да стапиме во контакт со министерката Царовска, немаме никаков повратен контакт. МОН останува немо.
Свесни сме дека постои стигма за студент на приватен универзитет, но сметаме дека и општеството мора и треба да оди напред. А, ако сакаме прогрес мора да не прифатат како еднаков партнер во креирањето на политиките за високо образование.
РСЕ: Какви промени и активности се потребни за подобрување на студентскиот статус?
Селамовска: Вклучување на претставници во телото на Млади на МОН, конструктивен дијалог и пристап до бенефициите кои ги имаат нашите колеги од државен (конкретно за приватните). Правилното образование со вистинска вклученост во општествените случувања е неопходно. Студентите се прашуваат само кога другата страна (политичарите) имаат некаква корист од тоа. Тоа мора да се смени.
РСЕ: Според вас, во колкава мера студентите се посветуваат на подобрување на студентскиот статус? Колкав е интересот да се самозастапуваат и да ги бараат своите права?
Селамовска: Многу е мал бројот на студенти кои се самозастапуваат, посебно на нашиот Универзитет, па оттука се роди и „Магнум Опус“. Правата на студентот се прекршуваат во секој можен момент кога тој/таа не е свесен за правата кои ги има. Токму затоа ние работиме на промоција на еднаквост на студентските права. Нашите студенти доколку сметаат дека правата им се прекршени имаат механизам/институција (Студентски правобранител - Стефан Каракачанов) преку кој се информираат и пријавуваат повреда над правата.
Видете и ова: Новата студентска правобранителка на УКИМ - „Загубено е само она од што ќе се откажеме сами“РСЕ: Македонија со години се соочува со одлив на мозоци, односно емиграција на млади. Како сметате дека може да се намали овој тренд? Со какви активности?
Селамовска: Интерференцијата на политиката во секојдневниот живот и застарените методи и програми на предавање се една од причините за демотивацијата кај младите. Исто проблемот со тоа што не го цениме она што е добро, а го форсираме она што не е добро само затоа што има поддршка од „врвот” е токму главната причина за одливот на мозоци.
РСЕ: Се меша ли политиката, политичките партии во студентските организации и на кој начин? Има ли политички манипулации со студентите?
Селамовска: Политиката е насекаде и тоа ни е и повеќе од јасно. Проблем е кога таа ќе навлезе до тој степен што не остава простор за слобода на говор. Ние на АУЕ ФОН го немаме тој проблем. Меѓутоа, тоа не беше случај со колегите од УКИМ.