Да, државната матура е „право на избор и тоа право е неприкосновено“. Државната матура ја полагаат ученици кои сакаат да го „продолж[ат] своето образование“. Сепак, аргументот дека учениците во месец декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар, реагираше денеска Сојузот на средношколци по изјавата на министерката за образование, Мила Царовска, дека Министерството има законска обврска да го организира полагањето на матурата.
„Во декември, матурантите не беа сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата (имаше матуранти кои бараа нејзино откажување). Токму затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина. Повторно користејќи го податокот за „над 14 илјади матуранти“, статусот вели: „Нема причини за откажување на матурата“. Тука нагласуваме дека Сојузот на средношколци не се залага за откажување на матурата. Сојузот не ги подржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има“, реагира Сојузот.
Оттаму велат дека „е јасно оти бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година“, и затоа, како што велат, Сојузот не се согласува дека бојкотот е неоправдан, а предложените измени од страна на средношколците се целосно разумни и ја зачувуваат сериозноста на образовниот процес и интересот на учениците со оглед на „(не)квалитетот на наставата од далечина“.
Претходно министерката Царовска рече дека не е точно дека 70 отсто од матурантите ја бојкотираат наставата, туку дека само дел од нив, како и дека Министерството мора да организира полагање матура како негова законска обврска, а дека бојкотот на наставата е неоправдан.