Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска изјави дека „не е точно дека 70 проценти од учениците го бојкотираат наставниот процес, туку само дел од нив“.
„Државната матура е изборна, а нашата обврска како Министерство е да го обезбедиме правото на полагање на матура, посебно на оние ученици кои сакаат да го продолжат своето образование во високо образовни установи во нашата држава и надвор од неа“, истакна денеска министерката Царовска, на промовирањето на проектот за поставување на заштитни паравани во основните училишта во Општина Чаир.
Таа вели дека уште од првиот ден постојано соработуваат и разговараат со Сојузот на средношколци, каде, како што вели, имаат различни размислувања и барања.
„Последен пат имавме состанок минатата недела, кадешто утврдивме дека матурата оваа година се одвива согласно законот. Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура. Утрово имав состанок со сите директори на средните училишта, нема бојкот на 70 проценти, туку само на дел од учениците. Важно е дека нашата обврска како Министерство за образование и наука и на општините, е да го обезбедиме правото на учениците кои што сакаат да полагаат матура“, истакна Царовска.
Таа нагласи дела учениците кои што не сакаат да полагаат државна матура имаат можност согласно Концепцијата за матура, да полагаат училишна матура, токму таму има два предмети и проектна задача или оние кои се во стручни училишта имаат можност да полагаат стручен испит.
Средношколците, пак, тврдат дека нивните барања се разумни и поддржани со меѓународни примери и „нема да се откажат додека не ги остварат“. Тие бараат наместо четири, да полагаат два предмети за државна матура.