Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска ги обвини САД за мешање во руските внатрешни работи, откако американските власти упатија критика за полициската акција против демонстрантите кои бараа ослободување на опозицискиот политичар, Алексеј Навални.
Изјавата на Песков доаѓа по претходните забелешки од руското министерството за надворешни работи, кое тврди дека амбасадата на САД се обидела да ги охрабри демонстрантите објавувајќи предупредување за Американците за локацијата на протестот во Москва.
Нема индикации дека САД имале каква било улога во вчерашните протести кои беа најголеми во Русија во последните неколку години. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во Москва, Санкт Петербург и другите поголеми градови за поддршка на Навални, кој беше затворен пред една недела откако се врати во Русија по неговото закрепнување во Германија од труење од воен нервен агенс.
„Се разбира, овие публикации се несоодветни“. И, се разбира индиректно, тие се апсолутно мешање во нашите внатрешни работи“, рече Песков.
Пред протестите, американската амбасада објави рутинска тревога на нејзината веб страна, како предупредување до граѓаните на САД за потенцијална опасност од немири. Руското Министерство за надворешни работи тврди дека тоа претставува поддршка за протестите.