Речиси 3.300 лица биле приведени на протестите низ Русија за ослободување на опозицискиот политичар Алексеј Навални, според независната група за мониторинг ОВД-Инфо. Скоро половина од притворите, според групата, се случиле во Москва, а меѓу приведените беше и сопругата на Навални, Јулија и неговата соработничка Љубов Собол.
„Притворот на Навални и сузбивањето на неговите приврзаници се вознемирувачки индиции за понатамошни ограничувања на граѓанското општество и основните слободи“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел изрази жалење за притворите и непропорционалната употреба на сила. Тој порача и дека министрите за надворешни работи на блокот утре ќе разговараат за следните чекори.
Руското министерство за надворешни работи реагираше дека САД помогнале во поттикнувањето на протестите.