Министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод Меѓународен ден на образованието порача дека денот се одбележува во време на пандемија која наметнала целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање решенија за непречена настава и квалитетно образование.
Според неа, подготвувањето на целосна нова реформа ќе гарантира подобро и поквалитетно образование.
„Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“, посочува Царовска.
Таа порача и дека учениците се херои кои им покажале на сите дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина и одржале лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности.