Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски денеска информираше дека неговата партија пред повеќе од една недела побарала да се организира јавна расправа во врска со најавената реформа на системот на основното образование, а согласно член 124 од Деловникот на Собранието. Партијата, според него, се одлучила на таков чекор заради широкиот јавен интерес кој се развил за прашањето.
„Лично верувам, дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование. Сепак постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука е правилна“, истакна тој.
Во јавната расправа, како што порача Муцунски ќе може да се вклучат сите засегнати страни и преку транспарентна дискусија ќе дадат свој придонес за прашањата кои се од големо значење за иднината на Македонија, а тоа е образованието и воспитувањето на младите.
„Во недостаток на подготвеност за дијалог, спремност да се слушнат аргументите од било која друга страна и да се организира една ваква јавна расправа од страна на Министерството за образование и наука наша обврска како пратеници делегирани од граѓаните во Собранието на Македонија е да преземеме конкретен чекор што ќе биде во прилог на унапредување на квалитетот во реформскиот процес во образованието. Фактот дека токму експертската јавноста упатува на сериозни недоследности во предложената реформа наведува на сознанието дека е препорачливо и неопходно да им дадеме институционална форма на идните дискусии за ова важно општествено прашање“, вели Муцунски.
Тој додава дека јавната расправа согласно Деловникот на Собранието треба да се одржи во матичното работно тело во Собранието, а тоа е Комисијата за образование, наука и спорт.
Најавената реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.