Гир: ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо

Eвроамбасадорот Дејвид Гир

Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо.

„На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигураме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Процесот на вакцинација не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со кој што се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени“, порача Гир во интервју за МИА.

Тој истакнува и дека европската перспектива и перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија во ЕУ е јасна и неспорна. Гир во интервјуто за МИА порачува и дека Португалија се обврзала дека за време на нејзиното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде приоритетно прашање.

„Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“, вели Гир.