Административците вработени преку програмата К-5 во Министерството за политички систем, ќе се распределат во 237 институции, органи на државата, локалната самоуправа и во други државни органи. Станува збор за 1.349-те службеници, претежно економисти и правници, но и кадар со средно образование.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем во Владата Артан Груби на денешната прес-конфереција соопшти дека листата на лица кои не беа распределени на работни места е прочистена, дека се направени претходни проверки и веќе се доделени некои отказни решенија, а некои лица сами поднеле барање да им се раскине договорот.
Најголем дел од овие 1.349 лица се распределени во МВР – 143, УЈП-92, во Царинска управа и во Државно правобранителство по 74 лица, во Управа за водење на матични книги – 41 , Државен пазарен инспекторат – 35, Агенција за заштита на лични податоци -30, Агенција за катастар -29, МНР – 26, во МФ – 25, ЦУК – 24 , Клиничка болница Тетово -25, ФЗО – 22, Министерство за земјоделство – 21, Агенцијата за вработување – 20, Државен завод за статистика -15, ПИОМ – 13, Влада – СОЗР, во Државен архив и во Државен инспекторат за труд по 12 лица, МИОА и МОН по 11, во Дирекција за заштита и спасување, во Агенција за храна и ветеринарство, во ЈП Државни патишта, во Министерство за транспорт и врски, во имотно – правни, во Основен суд Тетово и во ЈО Тетово по 10 вработени, Болница Куманово – девет, Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар осум, МЖСПП пет вработени.
„Во овој план нема само Албанци, туку има и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци“, рече Груби.
Оние лица кои ќе одбијат работа, нема да имаат право веќе да бираат друго работно место, туку ова е единствената опција, вели Груби.