Евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, во интервју за новинската агенција МИА, вели дека „нема план Б, туку дека целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) и дека е оптимист по тоа прашање“.
„Оптимист сум. Сега следува усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори“, вели Гир во интервјуто.
Според него овие разговори продолжуваат во Брисел и португалското претседателство се обврзало дека ќе го помогне и ќе го турка процесот.
Во меѓувреме, вели евроамбасадорот, она што е важно е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред.
Лани во декември Бугарија стави вето на преговарачката рамка на ЕУ и Македонија со образложение дека Македонија не направила ништо за доследно спроведување на Договорот за добрососедство меѓу двете држави.