Средба на членови на МАНУ и Царовска: Внимателно со историјата

Зградата на МАНУ во Скопје

Реформата треба да се поддржи и неопходна e што побргу, зашто се работи за најзначајно прашање – основното образование што е база на целиот образовен систем, сметаат членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, според кои е нормално да има различни ставови. Тие, велат, нивните ставови ѝ ги кажале на министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешниот состанок.

„Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми. Наставниот план, според нас, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја и физика и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки“, рече академик Владо Камбовски по состанокот.

Академик Таки Фити, рече дека смета дека отпорот кон нацрт-концепцијата на реформата веројатно произлегува од недоразбирање и затоа што имало лоша коинциденција со политичкиот амбиент во земјава.

„Некако се поврза целиот концепт со состојбите и проблемите што ги имаме со соседна Бугарија и она инсистирање во концептот за интегрирање предмети се сфати како бришење на предмети, конкретно на историјата, и некако се дефокусира суштината на расправата. Треба да бидеме многу претпазливи, особено кога станува збор за историјата. Ние имаме проблеми со национална историја во мултиетничка земја, но лично мислам дека може историјата да си остане како посебна наука или да се најде креативно решение кое нема да ја наруши суштината на концептот, но исто така ќе придонесе за национален консензус околу овие прашања. Нема укинување предмети, особено не на историјата“, рече академик Фити.

Академик Абдулменаф Беџети, пак, повика да се поддржи иницијативата и ја поздрави поканата од Министерството за образование да вклучи членови од највисоката научна институција во консултативниот процес, иако се работи за реформа во основното образование.