Русија денеска ги поздрави намерите на новиот американски претседател Џо Бајден за продолжување на американско-рускиот договор за контрола на нуклеарното оружје - Нов СТАРТ, но додаде дека Москва сака да види конкретни предлози од Вашингтон.
Белата куќа вчера објави дека Бајден ќе побара петгодишно продолжување на сегашниот договор за контрола на оружјето што го имаат двете земји, што истекува на почетокот на февруари, и е една од првите важни надворешно-политички одлуки на новата американска администрација.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека е важно да се видат сите детали на американскиот предлог, бидејќи претходната администрација се обиде да обврзе со нови услови за секое обновување, што Москва одбиваше.