Европскиот Парламент (ЕП) со големо мнозинство усвои резолуција со која ја повикува Европската Унија веднаш да ги запре завршните работи на изградбата на гасоводот Северен тек 2 поради апсењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.
Во резолуцијата се повикуваат ЕУ и државите- членки „критички да ја преиспитаат соработката со Русија на различни надворешно-политички платформи и на проектите како Северен тек 2“.
Овој гасовод, со кој природен гас ќе оди од Русија кон Германија низ Балтичко Море, е долг 1200 километри, а предвидено е капацитетот да биде 55 милијарди кубни метри гас годишно.
Навални, најпознат политички противник на претседателот Владимир Путин, е уапсен на враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше од труењето со нервен агенс за кое тој го обвинува Кремљ.