Унгарија прва во ЕУ ја одобри руската вакцина „Спутник V“

Унгарија е првата земја во Европската унија што ја одобри руската вакцина против корона вирусот „Спутник V“, а исто така ја одобри и британската вакцина на Астразенека.

„Фармацевтските власти дадоа привремена дозвола“ за овие две вакцини против ковид-19, изјави на прес-конференција шефот на канцеларијата на премиерот, Џерџели Џула.

Според европските регулативи, националните власти можат итно да одобрат дистрибуција на производи кои не биле одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), но тогаш тие ја имаат целата одговорност. Од почетокот на кампањата за вакцинација кон крајот на декември, Унгарија прими околу 330 000 дози вакцини на Фајзер / Бионтек и Модерна, кои досега беа одобрени во ЕУ.

Претставници на српските власти ја примија руската вакцина „Спутник V“

„За жал, Европската Агенција за лекови е исклучително бавна. Што се однесува до вакцината развиена од британската лабораторија Астразенека и Универзитетот во Оксфорд, „Велика Британија ја одобри уште од порано и веќе ја користи“, потсети унгарскиот официјален претставник и додаде дека мислењето на европското регулаторно тело се очекува дури на крајот на месецот.

Руските власти поднеле барање за регистрација на Спутник V во ЕУ, но Европската агенција за лекови сè уште не ја започнала постапката за верификација.