Со 62 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржани“, Собранието го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Владејачката коалиција предводена од СДСМ доби поддршка за Законот од Алијансата за Албанците и Алтернатива, а за законот не гласаше ВМРО-ДПМНЕ. На седницата не присуствувал и пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, кој објави дека е позитивен на ковид-19. Отсутни биле и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, но и лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата кога се гласаше. Од оваа партија претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на предложениот закон. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски во процедурални забелешки повторно го изнесе ставот на партијата особено по, како што кажа, изјавите за проценти, по што оцени дека пописот нема да биде објективен и фер, нема да биде релевантен и реален.
„Го истуркавте ова законско решение на сила, со скратување на постапките и без јавна дискусија и јавни дебати. Не беа прифатени 26-те амандмани од ВМРО ДПМНЕ, односно 37 на целокупната опозиција и ефектите од ваквото законско решение ќе се видат наскоро од страна на граѓаните, а одговорноста ќе биде ваша. Затоа што ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да гласаат за ваквото законско решение“, рече Мицевски од собраниската говорница.
ВМРО ДПМНЕ побара да се дефинира кои документи ќе се прифаќаат, кои бази на податоци ќе се користат, да се прави разлика меѓу живеалиште и престојувалиште, да има хартиен, а не само електронски образец, да има двајца непосредни попишувачи наместо еден. Според партијата, спорно е и зошто не се објавува методологијата на попишување и зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст.
Видете и ова: Ни знаеме колку сме, а ни токму ли смеКоординаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи истакна дека Законот за попис ќе помине со гласовите на нивните пратеници, но жали што претседателите на партиите што ги обвинуваат нив како опозиција не се во салата да гласаат и тоа го покажува нивниот однос кон овој важен закон. Реџепи рече дека сепак ова ќе биде политички процес и дека нивните амандмани со што би се отстранила недовербата во процесот не се прифатени. Според него, правата на Албанците ќе зависат од податоците собрани на пописот.
Од владејачката СДСМ ја поздравија, како што велат, одговорноста на пратениците преку носењето на ова законско решение.
„Никој не смее да го партизира спроведувањето на пописот, а повиците за негов бојкот се повици за кршење на законите. Одново се поразени деструкциите и обидите за блокади на антидржавното и антинародно ВМРО ДПМНЕ предводено од докажаниот губитник Христијан Мицкоски“, се вели во реакцијата од СДСМ.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека треба да се олабавиме сите за пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму, алудирајќи на изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако етничките Албанци во Република Северна Македонија излезе дека се под 20 отсто од вкупниот број на населението.
„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев и додаде дека апелите за бојкотирање на пописот се туркање на граѓаните кон одговорност.
Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира
Денеска само се гласаше за законот кој инаку, се донесе во скратена постапка, а расправата заврши на 15 јануари, кога всушност немаше кворум за гласање.
Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население. За разлика од претходните, овој попис ќе има неколку новини.
Главната новина е што ќе се спроведува со т.н комбиниран метод. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице в лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.
Пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење на ИТ- технологија и според стандардите на Еуростат.