Завршни зборови на Фетаи за „Монструм“: Ништо помалку од доживотен затвор

Архивска фотографија од едно од минатите рочишта за случајот „Монструм“ - Обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско езеро, денеска во завршните зборови му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката. Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста.

„Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот“, рече Фетаи, која образложи дека „немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот“.

„Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече Фетаи во завршните зборови.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Денеска обвинителката Фетаи пред судот се откажа од гонење на обвинетиот Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело “тероризам”, бидејќи за него, како што рече, нема докази со кои би се потврдило дека тој сторил било какво кривично дело. За обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување на кривично дело.