На прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев денеска изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот.
Toј рече дека се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.
Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира
Тој дополни дека е убеден во што поскоро носење на законот за попис што е пред гласање во Собранието.
"Жалам само што се докажува неодговорноста на опозицијата што не се воведе онлајн работа на Парламентот, барем за оние пратеници кои се позиивни на Ковид-19 или се во самоизолација. И денеска видовме дека седницата се одлага. Убеден сум дека многу брзо може да се закаже оваа седница и час поскоро да заврши за да се донесе побрзо законот, затоа што после законот има голем број активности во делот на подготовка за спроведување", рече Заев.
Toj повтори дека со попишување по етничка припадност, со пописот ќе се регистрираат резиденти и нерезиденти жители.
"Ги попишуваме сите граѓани. Дефинитивно, меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата, колку од граѓаните се надвор од државата повеќе од една година. Секогаш го имаме тој податок во базите. Граѓаните слободно ја изразуваат својата верска и етничка припадност", вели Заев, повторувајќи дека податоците од пописот се статистички податоци.
Според него, апелите за бојкотирање на пописот е туркање на граѓаните кон одговорност.
"Пописот насекаде во светот, во Европа така и кај нас е одговорност на граѓаните и тоа е регулирано во законот и следуваат казни за одбивање на попишување", рече Заев потенцирајќи дека државноста ја чуваат сите граѓани искажувајќи убедување дека нашиот народ целосно ќе ја исполни оваа обврска.
На новинарско прашање да ја коментира изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако излезе дека Албанците во државава се под 20 отсто од вкупниот број на населението тој рече резултатите од пописот нема да влијаат на стекнатите права.
„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев.