Министерството за образование и наука соопшти дека со денешниот состанок со директори на основни училишта од секоја општина продолжува широкиот консултативен процес за реформите во основно образование, а дека за утре е закажан состанок со наставниците, а за задутре – со членови на МАНУ.
Министерката Мила Царовска по средбата изјавила дека концепцијата има широка поддршка од директорите, но дека како од секоја новина, постои само страв од непознатото којшто треба да се совлада.
"Постои потреба и од интензивна обука на наставниците за да може да се прилагодат на новата концепција. Наша цел е темелно да ја подготвиме реформата која првпат се фокусира на најважното, а тоа е знаењето на децата. Тоа значи дека сите заеднички ќе вложиме максимални напори за да го подготвиме системот за имплментација и да ги подготвиме наставниците. Реформата е започната навреме и со години трае овој процес кој сега мора да финишира, бидејќи секој ден доцнење е на штета на идните генерации, рече Царовска.
Сенатот на УКИМ пак укажа дека на последната вонредна седница тие донеле одлука дека реформата треба да почне како пилот проект, дополнувајќи дека таа е првична идеја за чие спроведување треба многу повеќе време.
"Реформата на воспитанието и образованието е длабоко стратешко прашање и процес на перманентно преиспитување и валоризација на воспитно-образовната политика. Избрзаните и недоволно обмислени одлуки и решенија донесени од МОН, без јавна и ефективна дебата, можат да предизвикаат сериозна штета со далекусежни последици. На вонредната седница, сенаторите упатија бројни и сериозни забелешки на Нацрт-концепцијата за основно образование. Промените треба да се креираат и спроведуваат во согласност со карактеристиките на контекстот, односно условите во кои се реализираат воспитно-образовната работа, конкретните образовни потреби и реалните можности за нивно остварување" се наведува во соопштението од Сенатот на УКИМ.
Најавената реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.