Владата со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет им подари на „локомотивите“ – членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа, реагираше денеска Независната угостителска комора (НУК).
Според НУК, при крај е трпението на угостителите кои чекаат време и покана за работна средба со Владата на која и даваат рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија. Тие велат дека „сите индустрии добиле поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време“.
Вицепемиерот задолжен за економска политика вели дека тоа не е точно.
Според него, уште во првиот и вториот актикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка процентуално гледано искористеноста во овој сектор е солидна.
Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од НУК, Битиќи денеска рече дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.