Неделен ковид извештај на ИЈЗ: Повеќе починати и повеќе оздравени

Илустрација - Ковид амбуланта на Инфективната клиника во Скопје

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 11 до 17 јануари се направени вкупно 14.111 тестирања за ковид-19, што е за 8,4 отсто повеќе од претходната недела, а регистрирани се 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, односно 3 отсто помалку од претходната недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (45,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Ресен. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 проценти, просечно 16 проценти, што претставува намалување од три отсто во споредба со минатата недела.

Видео - Помина ли најлошото во македонските ковид центри?

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (26,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (18,6%), 30-39 (17,6%), 50-59 (16,8%) и 20-29 (14,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,3%) и 10-19 години (4,7%)“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во истиот периодот се пријавени 79 смртни случаи од 23 града, со зголемување од 6,8% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.