Чеку ослободен од обвинението за злоупотреба на државни пари

Агим Чеку, поранешен премиер и поранешен министер за одбрана во Косово

Косовскиот суд донесе одлука со која ги ослободува од обвинението поранешниот премиер Агим Чеку и 11 други поранешни владини претставници за злоупотреба на буџетски пари за социјална помош наменета за лажни воени ветерани.

Основниот суд во Приштина денеска донесе одлука за ослободување на Чеку и 11 негови соработници меѓу кои и поранешниот министер за одбрана и неколку поранешни пратеници. Тие беа обвинети за злоупотреба на службена должност со додавање на луѓе на списокот составен од Владата за помош на ветерани од ОВК.

Специјалното обвинителство во Косово покрена обвинение против нив во 2018 година за нелегални исплати на 19 илјади луѓе кои не се бореле во воениот конфликт од 1998 до 1999 година, со што, според обвинението, биле генерирани десетици милиони евра загуби во државниот буџет.


Сите обвинети беа членови на владината комисија формирана во 2012 година која го составувала списокот за проверка на воени ветерани. Комисијата во 2016 година објави список со 46 илјади луѓе на него кои имале право на бенефиции како воени ветерани.

Комисијата била предводена од Чеку, поранешен командат во ОВК, поранешен премиер и поранешен министер за одбрана. Меѓу обвинетите беа и поранешниот министер за одбрана Руштем Бериша, и тројца поранешни пратеници Шкумбим Демалиај, Нуредин Луштаку и Шукри Буја.