Вучиќ најави масовна имунизација во Србија со набавени милион вакцини

Човек прима вакцина од Фајзер - Бионтех против ковид 19 во клиника во Белград, 13 јануари, 2021.

Денеска во Србија ќе стартува масовна имунизација и ќе биде отворен голем пункт на Белградскиот саем. Први ќе бидат вакцинирани против ковид-19 припадниците на Министерството за внатрешни работи, потоа војската и безбедносните служби, најавија претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ на седницата на оперативниот тим која се пренесуваше директно во живо на српските медиуми.

Вучиќ најави дека најдоцна до утре во Србија ќе пристигнат 250.000 дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека се очекува наскоро преку Полска да се набави и четвртата вакцина од производителот Астра-Зенека.

Брнабиќ изјави дека Србија досега набавила 1.054.950 вакцини и дека има потпишано договор и платила за повеќе од шест милиони дози.

Вучиќ додаде дека оваа недела ќе пристигаат и 200.000 вакцини од првата и 50.000 од втората доза на руската вакцина „Спутник V“ и дека денес ќе почне и масовната вакцинација со кинеската вакцина „Синофарм“.

„ Разговаравме со Северна Македонија во рамките на т.н. мини Шенген. Би сакал да констатирам дека нема ништо да ни вреди сите нас да бидеме здрави, а луѓето во соседството да имаат безброј проблеми. Ние можеме да бидеме среќни само ако и соседите се среќни и задоволни. Секако дека треба да му помогнете на некого кога му е тешко, онолку колку што можеме да помогнеме, ќе помогнеме. На премиерот Зоран Заев кој бараше и се бореше за својата земја да обезбеди нешто и јас мислам дека ова не е само пријателски и братски потег кон народот во Северна Македонија, ова ја покажува и нашата одговорност, дека не живееме во затворен сад, туку дека мора да размислуваме и за нашите комшии, како што сум сигурен дека и тие нас би ни помогнале, изјави Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање.


Тој додаде дека доколку утре Република Српска и Босна иХерцеговина и Албанија побараат вакцини, дека исто така ќе помогне.