Првата дама на САД, Меланија Трамп, која утре ќе ја напушти Белата куќа заедно со сопругот Доналд Трамп, кога му истекува претседателскиот мандат, со порака ѝ се обрати на американската нација. Во видео пораката, што синоќа беше објавена на веб-страницата на Белата куќа, таа вели дека најголемата чест во нејзиниот живот е што била прва дама на САД.
“Сега кога Доналд и јас го завршуваме времето во Белата куќа, мислам на сите луѓе што ги примив во моето срце и на нивните неверојатни приказни за љубов, патриотизам и решителност“, вели Меланија Трамп во пораката.
Збогувајќи се, таа на Твитер му се заблагодари на американскиот народ и напиша дека зборовите не можат да ја изразат длабочината на нејзината благодарност за привилегијата да биде прва дама на САД.
За утре во Вашингтон е закажана инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, и на потпретседателката Камала Харис, под мерки на висока безбедност по насилните протести пред и во Капитол Хил и проценките на федерланите служби дека се можни нови нереди.