Португалија се надева на прва меѓувладина конференција со Македонија до јули

Португалија, која е актуелен претседавач со Европската унија (ЕУ), се надева дека во првата половина од годинава ќе се деблокира спорот со Софија и оти ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Португалската државна секретарка задолжена за ЕУ, Ана Паула Закариаш, изјави за МИА дека нејзината земја која претседава со ЕУ до први јули годинава се надева дека ќе се деблокира спорот со Софија и ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Закариаш порача дека проширувањето на ЕУ е приоритет за португалското претседателство, што започна на 1 јануари и трае до 30 јуни годинава. Додаде дека во тек се контакти со двете страни – Скопје и Софија – за изнаоѓање на решение за билатералниот спор кој го кочи отворањето на преговорите со ЕУ.

Во исто време македонскиот претседател Стево Пендаровски порача дека ниедна земја членка на Унијата не смее преку поставување на ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ. Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека фокусот во разговорите со Бугарија до изборите кај нив, ќе биде на Акцискиот план, по што ќе следи водење на разговорите на политичко ниво.