Европската унија (ЕУ) го осудува притворањето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговото враќање во Москва на 17 јануари и повика на итно ослободување.
„Политизацијата на судството е неприфатлива и правата на Навални мора да се почитуваат. Исто така, ги повикуваме руските власти веднаш да ги ослободат сите оние новинари и граѓани кои биле приведени во врска со нивното известување и поддршка на Навални по неговото враќање. Овој притвор ја потврдува континуираната негативна шема на намалување на просторот за опозицијата, граѓанското општество и независните гласови во Руската Федерација. ЕУ внимателно ќе го следи развојот на настаните на ова поле и ќе продолжи да го зема предвид тоа при обликувањето на својата политика кон Русија“, се вели во денешното соопштение од Европската унија.
Европската унија, како што се наведува во истото соопштение, најостро го осуди обидот за атентат, преку труење со воен хемиски нервен агенс од групата „Новичок“, врз Алексеј Навални, и одговори со воведување рестриктивни мерки на шест лица и еден ентитет.
Рускиот опозиционер Алексеј Навални синоќа беше приведен во Москва, веднаш по слетувањето на авионот со кој се врату од лекување во Германија по лекувањето од труењето. Покрај него, уапсени беа и негови поддржувачи. Навални е приведен од Руската затворска служба поради, како што вели тааа, „непочитување на условната казна за сторена измама од 2014 година“.