Почна сослушувањето на рускиот опозиционер Алексеј Навални

Принтскрин од видеото од Навални во судница во градот Кимки што го објави портпаролката на Налавни, Кира Јармиш

Сослушувањето во случајот на рускиот опозиционер Алексеј Навални почна денеска во градот Химки, во близина на Москва, соопшти денеска неговата портпаролка Кира Јармиш. Таа на Твитер објави повеќе видеа со изјави од Навални по приведувањето и спроведувањето во судот во Химки.

Навални доцна синоќа беше приведен веднаш по слетувањето во Москва, на враќање од Германија, каде беше на лекување по труењето со нервниот агенс новичок.

Рускиот затворски орган ФСИН го потврди притворот за Навални и во соопштение за јавноста објави дека „Навални бил во притвор поради повеќекратни прекршувања на условите од неговата условна казна во врска со пресуда за измама во 2014 година“.

ФСИН пред десетина дена објави дека Навални ќе биде приведен доколку се врати во Русија, што не ја смени одлуката на критичарот на Кремљ „да се врати дома“. На Навални му се заканува затворска казна од 3,5 години. По неговото апсење реагираа повеќе западни дипломати, премиери и претседатели со барање за негово ослободување.