Македонија ќе добие 8000 вакцини против ковид-19 како помош од Србија во снабдувањето на вакцини против корона вирусот, информираше денеска премиерот. Тој ја поздрави одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ за помошта, што според него е добар знак на солидарност. Премиерот Заев рече дека српскиот претседател „изустил“ дека оваа количина можат и да ни ја донираат, на што Заев му рекол дека „Македонија има пари да си ги плати вакцините“, по што Вучиќ рекол дека ќе ни ги дадат вакцините по набавна цена.
„Понудената помош од Србија ја прифативме и ќе добиеме 8000 вакцини од Фајзер. Ова е добар чин на солидарност на нашиот сосед, пријателството продолжува. Првите вакцини ќе се за здравствените работници, за семејствата кои имале член позитивен на Ковид-19, хронично болните лица“, реше премиерот Заев.
Тој додаде дека не се исклучува да добиеме помош од Србија вакцини и од други производители, како и дека во текот на денешниот ден ќе бидат утврдени деталите.
И премиерот и министерот за здравство Венко Филипче, неколку пати изминатите десетина дена информираа дека првите вакцини против ковид-19 во Македонија ќе стасаат во февруари, а дека вакцините преку системот за солидарност не се стасани се уште бидејќи земјите кои требало да ни дадат од своите вакцини не ја добиле нарачаната количина. Заев денеска потсети дека во тек е постапката на потпишување договор за 800.000 вакцини од „Фајзер“, кои ќе пристигнат во земјава во текот на оваа година и ќе бидат доволни за 400 000 граѓани.