Притворањето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални веднаш по пристигнувањето во Москва од Германија, предизвика бран од меѓународни критики.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска повика на итно ослободување на Навални.
Русија е обврзана од својот устав и од меѓународните обврски спрема принципот на владеење на правото и заштитата на граѓанските права. Овие принципи, се разбира, мора да се применат и на Алексеј Навални. Тој треба веднаш да биде ослободен “, рече Мас.
Претходно и американскиот државен секретар Мајк Помпео исто така побара „итно и безусловно ослободување“ на Навални. Приведувањето на критичарот на Кремљ, Помпео го нарече „последен во серијата обиди да се замолчи Навални и другите опозициски и независни личности кои ги критикуваат руските власти.
И администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден повика на итно ослободување на Навални, додавајќи дека „сторителите на срамниот напад врз неговиот живот мора да одговараат“.
Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел го нарече апсењето на опозицискиот политичар „неприфатливо“ и побара негово итно ослободување.