Навални полета кон Москва, зголемено полициско присуство на аеродромот

Алексеј Навални во авионот кон Москва

Рускиот опозиционер Алексеј Навални полета од Берлин кон Москва и покрај фактот што руските власти претходно објавија дека ќе го уапсат по неговото пристигнување, пренесува англискиот сајт на Радио Слободна Европа.
Навални се враќа во родната земја со руската авиокомпанија Победа и треба да слета на московскиот аеродром „Внуково“ во 19.20 часот по локално време.

Новинарите јавуваат за големо присуство на полицијата на аеродромот, а руските власти ги повикаа граѓаните да не доаѓаат да го поздравуваат Навални.
Тој беше на лекување во Германија поради тровењето со нервен агенс новичек.

Во Русија е отворена истрага против Навални за измама

Навални во средата објави дека планира да се врати во Русија, за прв пат откако беше отровен во август 2020 година и покрај ризикот да биде затворен по враќањето од Германија. Руската затворска служба објави дека има намера да го уапси Навални доколку се врати во Русија, бидејќи не ги почитувал обврските за условната затворска казна што му беше изречена во 2015 година.

Навални изјави дека првобитниот случај против него е измислен и дека во тоа време бил во Германија на лекување, па затоа не можел да се пријави.
Од затворската служба, сепак, велат дека тој бил пуштен од берлинската болница во септември и дека требало да се врати во Москва и да се пријави.