Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид“ поради ковид пандемијата минатата година ја завршија со 782 876 патници, за 71 отсто помалку во однос на 2019 година. Една од опциите за надминување на состојбата е да се овозможи систематско тестирање на патниците на аеродромите, што го иницирал кај Владата аеродромскиот оператор.
Најголемата пречка за закрепнување на македонскиот воздушен сообраќај е забраната за патување поради КОВИД-19 воведена од земјите на ЕУ/Шенген за носителите на македонски пасош. Додека не се отстранат тие ограничувања и луѓето не почнат слободно да патуваат од туристички причини како што правеа претходно, ќе се соочуваме со тешкотии, велат од ТАВ Македонија.
„Една од опциите за надминување на оваа состојба е иницијативата што ѝ ја предложивме на Владата на Република Северна Македонија – систематско тестирање за КОВИД-19 на аеродромите во Скопје и Охрид, што доколку биде прифатено од ЕУ, треба да овозможи слободен влез на македонските граѓани во земјите на ЕУ каде е концентриран над 77 проценти од македонскиот воздушен сообраќај“, наведуваат од ТАВ Македонија.
За време на оваа пандемија авиокомпаниите брзо и постојано го менуваат распоредот на летовите. Тие најавуваат одреден лет, но подоцна можат да го откажат, во зависност од правилата за патување на владите воведени поради КОВИД-19.