Според планот на Владата за реформи во судството важно е да се испитаат сите релации на еден судија и на еден обвинител и се согласувам дека треба да се види и улогата на администрацијата и на стручните служби, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ при гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме“, изјави Маричиќ како реакција на изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која во истата емисијата откри случај со недоставување на платни налози.
Судскиот „плевел“ ќе се треби догодина
Рускоска информираше дека пред некој ден од Судскиот совет добила известување оти во фиоката на некој курир кој починал, биле откриени преку 1500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари.