Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј изрази загриженост за можното насилство на протестите и митинзите во деновите пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден на 20 јануари. Тој рече дека агенцијата следи огромна количина на онлајн содржини, кои повикуваат на вооружени протести.
Според него, се анализира потенцијалот на закана во комуникациите за да се „разликува што е аспиративно наспроти намерно“. Вреј ги даде коментарите за време на безбедносниот брифинг со потпретседателот Мајк Пенс. Тоа беше негово прво појавување во јавноста по немирите минатата недела во Капитол.
„Загрижени сме за потенцијалот за насилство на повеќе протести и митинзи планирани овде во Вашингтон и зградите на државните институции низ земјата во наредните денови“, рече Вреј.
Тој истакна дека се идентификувани повеќе од 200 лица осомничени за планирање настани по примерот на нередите во Капитол и предупреди дека секој што планира насилни акти во наредните денови може да очекува посета од ФБИ. Поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол, при што животот го загубија 4 лица.