Министерството за животна средина (МЖСПП) денеска најави дека годинава ќе заврши процесот за прогласување на планината Водно за заштитено подрачје откако претходно нацрт одлуката за прогласување ќе помине низ јавна расправа, на која своите забелешки ќе можат да ги дадат екологистите и другите заинтересирани страни. МЖСПП ги најави јавните расправи за почетокот на февруари.
Во ноември лани Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која го задолжи министерството да спроведе јавна расправа по предлогот, да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел и конечниот предлог да го достави до Владата на усвојување.