Новата ДИК се обврза да работи чесно и непартиски

Членовите на Државната изборна комисија - ДИК - со претседателот на Парламентот, Талат Џафери, по свечената заклетва

Членовите на новоизбраната Државна изборна комисија (ДИК) денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
Новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски, кој е избран на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека е добро што сè се завршило навреме и вети стручно и професионално работење на Комисијата.

„Самиот Закон вели дека треба да ги правиме после работите стручно и професионално, така што тука завршуваат партиската помош. Може да се каже дека сум јас најнепартиски, ниту сум член во тело на некоја партија, така што тоа е само за изборот. Веројатно верувале дека можам да сработам добро и поради тоа се одлучиле за мене“, изјави Даштевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Даштевски негираше дека оваа функција ја добил затоа што „му помогнал на поранешниот премиер Никола Груевски да добие азил и затоа што актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски исполнува ветувања кон него“. Додаде дека „100 отсто е сигурен дека затоа не ја добил поддршката од опозицијата“.

Во Комисијата има четворица нови и тројца членови од претходниот состав, на кој мандатот му заврши токму денеска. Смената во составот на ДИК беше иницирана пред неколку недели на предлог на група пратеници од неколку партии. Ни при овој избор не беше прифатена препораката од Европската унија за професионализација и департизација на ДИК.