Новоизбраниот претседател на САД Џозеф Бајден го претстави стимулативниот предлог-пакет, наведувајќи дека се неопходни смели инвестиции за да се покрене економијата и да се забрза дистрибуцијата на вакцини, со што коронавирусот би се ставил под контрола.
Пакетот опфаќа 415 милијарди долари за поддршка на одговорот на вирусот и дистрибуција на вакцини против Ковид-19, околу 1000 милијарди за директни исплати на американските домаќинства и речиси 440 милијарди за мали и средни претпријатија и заедници кои се особено тешко погодени од пандемијата.
Чековите за семејствата би требало да изнесуваат 1400 долари по лице, покрај веќе испорачаните 600 долари на човек, кои Конгресот ги усвои неодамна. Дополнителното осигурување за невработените би се зголемило од 300 на 400 долари неделно и ќе биде продолжено до септември.
„Ако инвестираме сега- смело, паметно, со непоколеблив фокус врз американските работници и семејства, ќе ја зајакнеме економијата, ќе ја смалиме нееднаквоста и ќе ја поведеме по одржлив пат долгорочната финансиска стабилност на нацијата“, рече Бајден.
Новоизбраниот претседател, кој ја презема должноста на 20 јануари, веќе постави цел- дистрибуција на 100 милиони дози вакцина, а се очекува неговиот план да опфати и финансиски средства за проширување на кампањата на вакцинација.