Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат на 4 април, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој вели дека настаните минатата година јасно покажале дека Бугарите сакаат промени што побрзо, за земјата да може да се врати на патот на демократијата. Радев алудираше на демонстрациите во текот на летото во кои граѓаните го обвинија премиерот Бојко Борисов за поврзаност со олигархијата. Борисов, кој владее со земјата околу десет години, тогаш одби да поднесе оставка, велејќи дека не сака да „попушти во хаосот во услови на здравствена и економска криза“.
„Во време кога институциите губат доверба и пропаѓаат како тротоари, изборите добиваат клучно значење. Иако одамна е познато дека овие избори ќе се одржат во време на пандемија, ниту една институција не презеде ништо. Јас го насочив вниманието на јавноста кон потребата од соодветни мерки за надминување на проблемите при спроведувањето на изборите, додаде Радев, пренесува БГНЕС.
Радев вели дека одговорните органи мора да објават јасни здравствени мерки, кои се клучни за изборната кампања и за излезноста. Според него државата треба да им обезбеди лична заштитна опрема и на изборната администрација и на секој бугарски гласач, а потребни се и измени на Изборниот законик.
Дел од партиите се огласија и соопштија дека го прифаќаат датумот за избори, но не и промени во Изборниот законик.