Дали пописот ќе биде статистичка или политичка операција, беше клучното прашање околу кое се расправаа пратениците попладнево. Владејачкото мнозинство остана на ставот дека Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а опозицијата, квалификувајќи го како паушално решение и алатка за демографски и етнички инженеринг, повторно побара негово повлекување и отворање широка јавна дебата со цел постигнување општествен консензус.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пописот е политички договор меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, а резултатите што ќе се добијат од него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во државата.
Ваквите констатации СДСМ ги нарече копи-пејст реплики и уште еднаш потенцира дека пописот ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди. Опозицијата мора да сфати дека ова е статистичка операција, а не политички заговор, порача СДСМ.
„Пописот е многу важна операција која треба да биде статистичка, но кај нас, за жал, како што се предлага, ја надминува таа форма и преминува во политичка која ќе има огромно влијание врз идниот развој на државата“, рече пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Реплицираше Диме Велковски од СДСМ со прашање до колегата од опозицијата – дали земјава треба да чека попис уште 20 години.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се против пописот, туку против начинот предвиден за негово одржување.
Пратеникот Борислав Крмов од Левица рече дека законот се турка по секоја цена.
Расправата за пописот, која е во рамки на 29-та собраниска седница, ќе продолжи утре во 12 часот.