Европскиот суд за човекови права ја прифати жалбата на Украина против Русија за Крим

Европскиот суд за човекови права

Европскиот суд за човекови права одлучи дека тужбата поднесена од Украина против Русија поради кршење на човековите права на Кримскиот Полуостров во 2014 е „делумно прифатлива“.

Судот во Стразбур денеска пресуди дека, меѓу другото, Русија ефективно ја контролирала украинската територија пред Државната дума да го ратификува договорот што рускиот претседател Владимир Путин го потпиша како процесот на анексија на 20 март 2014 година.

Киев тврди дека Москва го контролирала полуостровот од 27 февруари 2014, а руските сили мачеле и убивале полицајци, како и цивили, но Русија ги негира тие обвинувања.

Киев исто така ја обвинува Русија за малтретирање и заплашување на свештеници и новинари, но Москва ги негира и тие обвинувања.
Двете земји се членки на Советот на Европа, чиј дел е судот.
Европскиот суд одлучи дека тужбата е делумно прифатлива и оти пресудата ќе биде донесена на подоцнежен датум, нагласувајќи дека тоа не е пресуда за тоа дали самата анексија на Крим е незаконска, затоа што жалбата не се однесува на тоа.

Анексијата на Крим од страна на Русија беше осудена од меѓународната заедница.

Судот одлучи дека жалбата на Украина била „кохерентна и конзистентна“ со докази кои покажуваат дека руските сили не биле само „пасивни набљудувачи“, туку активно биле вклучени во прекршувањата. Се додава дека „сите, освен неколку“ жалби на Украина биле допуштени, без да даде детали.

Украинскиот министер за правда Денис Маљуска оцени дека одлуката на судот е „победа“.

Руското Министерство за правда соопшти дека во текот на понатамошната постапка, правната позиција на земјата ќе продолжи „да се базира на критериумите, договорите и практиката на меѓународните трибунали утврдени со меѓународното право“.