Повеќе од 1.200 македонски државјани заминале за Србија по укинувањето на тестот за ковид-19

Граничен премин Табановце

Од полноќ во Србија може да се влегува без задолжителен ПЦР тест. Преку граничниот премин Табановце кај нашиот сосед до 14:00 часот влегле 1.657 граѓани од кои 1240 македонски и 417 странски државјани.

Пред два дена владината прес-служба информираше дека во телефонски разговор помеѓу премиерите на двете држави, премиерката Ана Брнабиќ го информирала премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што, се наведува во соопштението, повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји.

Освен граѓаните на Македонија, и граѓаните на Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија од денес можат да влезат во Србија без негативен ПЦР тест, а истото важи и за државјаните на Србија кои одат во овие земји.