Во Италија стартува најголемото судење на мафијата

Италијанскиот обвинител Никола Гратери

Стотици наводни членови на најмоќната италијанска мафија денеска станаа дел од најголемиот судски процес за организиран криминал во земјата во изминативе 30 години. Денеска почнува судскиот процес против 355 осомничени членови на таканаречениот криминален синдикат во кои се вмешани политичари, адвокати и бизнисмени во јужниот регион Калабрија.

Осомничените се соочуваат со обвиненија за убиства, трговија со дрога, изнуда и перење пари. На листата на сведоци се наведени околу 900 луѓе. Обвинителот Никола Гратери пред новинарите изјави дека судското рочиште ќе покаже дека „калабриската мафија денеска не е мафија од пастири посветени на киднапирање, туку голема криминална коорпорација“.


Од 80-тите години од минатиот век до сега не е одржан во таков обем судски процес за мафијата. Станува збор за една од најмоќните криминални организации која има свои ограноци низ целиот свет.
Тековниот судски процес се очекува да трае најмалку една година и е фокусиран на семејството Манкузо кое ја формира рамката на криминалната организација. Прво обвинет е наводниот шеф на кланот 66 годишниот Луиџи Манкузо.
Повеќето од обвинетите беа приведени во рации во Италија, Германија, Швајцарија и Бугарија во декември 2019 година.